За иКорчагин
Зошто?
Едноставно затоа што е крајно време. Не ли мислите и Вие така? Досега никаде не најдов интернет собиралиште за бивши корчагинци. Единствени две локации кои што јас успеав да ги пронајдам се официјалната веб локација на нашето средно училиште во Скопје 'Раде Јовчевски – Корчагин', rjk.edu.mk, која е генерално средношколски портал, но не и центар за размена на идеи и информации за нас, бившите корчагинци.
Втората локација, maturanti.com која се занимава со тазе матурантите, која повторно не е од никаква корист за нас, бившите корчагинци.
Сите ние сме раштркани и по Македонија и по светот, и многу често ни требаат нашите другари и другарки од средно, да се видиме, да се напиеме по некоја, или да ги прошетаме децата у парк, и сто пати ми се случило да изгубам број или иМејл и да се утепам од барање по други луѓе и така натаму.
Колку пати се случило организаторите на матурските годишнини да не можат да ги соберат сите на едно место, или да се прават по три, четири матурски годишнини затоа што сите не се собрале. Е, иКорчагин може да ги реши сите тие проблеми.
Како?
Со 'запишување' во платформата иКорчагин ('и' е за 'Интернет'), станувате повторно корчагинец, но овој пат виртуелен. Апсолутно секоја генерација ќе може повторно да ги оформи класовите, и во својата контакт листа можат да ги имат и своите соученици но и останатите од другите класови, години, генерации и така натаму. Јас имам другари и другарки од едно шест генерации корчагинци и сигурен сум дека ќе се најдат на мојата контакт листа.
Идејата е кога ќе промените адреса, работа или телефони, со едноставна промена на податоците тука, на иКорчагин, сите ваши драги другари и другарки ќе бидат веднаш известени. Па нели е тоа супер! Никогаш повеќе нема да изгубите телефон, адреса или иМејл.
Организаторите на матурските годишнини ќе можат со еден иМејл да ја известат цела генерација за местото, локацијата и чинењето на прославите.
Во иКорчагин имаме и 'Форум' на кој ќе можеме да дискутираме за теми коу вие сами ќе ги отворате за дискусија.
Во иКорчагин имаме и 'Берза на трудот', на која можете да ставате огласи за работа и да си помогнете во барањето нова работа.
Но дали иКорчагин ќе постои, зависи само од ВАС!!!
иКорчагин е БЕСПЛАТЕН за сите корчагинци на целиот свет!!!
Кој?
Некој сето ова се разбира го направил за Вас, и тука се инволвирани и трошоци кои некој ги платил, и секодневно ги плаќа за постоење, одржување и понатамошен развој на овој сервер и платформа.
Тој некој сум јас, Ѓокица Зафировски, корчагинец матуриран во 1987 кој сето ова го направи и со и од ќеф. Ќе частите сите по едно пиво кога ќе ме видите во Скопје и ќе се отфитаниме.
Што?
иКорчагин платформата е изградена врз база на GPL лиценцирана phpAlumni платформа.
Каде?
иКорчагин е поставен на сервер во Њу Јорк, одржуван и во сопственост на корчагинецот Никола Пауновски. Сите жалби и пофалби испратете ги на овој иМејл.
|